Сите знаат дека авантурата до црниот појас е долга и тешка. Голем дел од луѓето го добиваат синиот појас, но ретко кој продолжува понатаму. Тоа е поради животните обврски, работата и фамилијата. Ретки се луѓето кои сакаат да вложат повеќе од 10 години за да станат мајстори во оваа вештина.
Некои БЏЏ школи имаат цврсто дефинирана наставна програма која содржи тест за сини појаси, но мнозинството од БЏЏ академиите не го преферираат тој систем, така да може и на обичен тренинг или семинар, твојот инструктор да те повика да истапиш напред и да ти додели нов син појас доколку смета дека имаш напредок во вештината и дека го заслужуваш истиот.
Секогаш кога ќе се прашаме околку промоциите за појас, некои луѓе сметаат дека појасите не се потребни воопшто, туку важно е само времето поминато на тренинг. Но сепак, појасот е важен симбол за твојата посветеност и напредок во вештината.
Еве едно мислење на оваа тема од велемајсторот Хелио Грејси, кој јасно тврдел дека за некој да добие син појас во БЏЏ, би требало да знае да се одбрани против потежок и посилен нетрениран противник во улична борба.
Разбирање на основните техники за борба во реални услови
Секој син појас би требало да знае да се справи со нетрениран напаѓач во улична борба. Тоа значи основно познавање на блиската борба од клинч, скратувањето на растојание против удари во стоечка положба и солидно познавање на доминантните позиции и одбраната од удари на под.
Синиот појас треба да поседува барем две основни техники од следните позиции:
Стоечка позиција – соборувања и одбрана од соборувања
Ослободување од затворен гард (горе)
Зафати и превртувања од затворен гард (доле)
Напади од доминантрни позиции (странична контрола, маунт и грб)
Ослободувања од доминантни позиции (странична контрола, маунт и грб)
Движење
Втората и најкомплицирана работа за синиот појас се движењата. Начинот на движење на бел, син и виолетов појас многу се разликуваат. Кај повисоките појаси движењата помеѓу позициите се побрзи, потечни и попрецизни. Потребни се години за да можеш да се движиш ефикасно и лесно аплицирајќи ги твоите техники. Секако движењата се зависни од твојата флексибилност, тајминг и техника, на кои треба да посветиш многу време.
Учество на барем еден турнир
Пред да го добиеш твојот син појас би требало да учествуваш барем на еден турнир. Тоа ќе ти биде причина да се подготвиш за твојата идна борба и да тренираш понапорно. Така побрзо ќе напредуваш во својата техника и конечно ќе имаш шанса да ги тестираш твоите можности против тренирани борци кои се на твое ниво. Победата ќе ти донесе мотив за понатамошно тренирање и други натпревари, а поразот ќе те потсети на “дупките“ во твојата техника така што ќе треба да работиш понапорно за да ги поправиш.